Бизнис
29. јуни 2018 - 19:46

Николовски: Ако не се формира добар советодавен систем за помош на земјоделците, сите да си дадеме оставка

Без квалитетен советодавен систем нема модерен и успешен агро сектор. По примерот на развиените земји, се подготвува Закон за советодавен систем во земјоделството. Целта е да се формира силна мрежа на земјоделски советници кои ќе ги едуцираат фармерите, ќе им нудат советодавни услуги за сите нивни потреби и ќе ги информираат за светските трендови и најновите технологии за поконкурентни производи.

Во Македонија советодавни услуги обезбедува единствено Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, но капацитетот е премал во споредба со реалната потреба. Агенцијата може да опслужи не повеќе од 700 земјоделски стопанства, наспроти евидентираните 40.000 со посериозен развоен капацитет.

Новиот закон ќе биде донесен до година и се очекува да овозможи широк опсег висококвалитетни услуги финансирани од државата, како и поголеми заложби на терен.
Во Македонија лани се регистрирани над 170.000 земјоделски стопанства. Од нив 99,8% се семејни фарми.