Македонија
14. October 2021 - 15:29

Николоски: Власта направи се за да не се случи коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ААА

Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ со Алијанса на Албанците-АА е коалиција за борба против организираниот криминал и корупција затоа што во Македонија цветаат криминал и корупција, изјави потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски.

За време на денешниот престој во Битола Николоски повика в недела масовно да се гласа и да се поддржи кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник, Тони Коњановски.

– Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ со Алијанса на Албанците-АА е коалиција за борба против организираниот криминал и корупција. Соработката со ААА е базирана на оваа основа, затоа што криминал и корупција има во Битола, во Тетово, во Струмица и Радовиш, но и во Гевгелија и во Скопје, и тоа беше принципот на коалицирање. Ние нема да дозволиме криминалот и корупцијата да продолжат да владеат и во следните четири години. Можеби сте забележале, секогаш кога немаат одговор за корупцијата и криминалот отвораат т.н. големи национални теми, така на пример не одговараат што ќе направат во Тетово туку разговараат кој ќе биде претседател на државата во ситуација кога сега се избираат градоначалници, а тоа потврдува дека неспособноста ја кријат со вештачки конфликти. Тие направија се за да не се случи коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива, затоа што на двете страни има чесни луѓе, истакна Николоски.

На прес-конференција со кандидатот за градоначалник Тони Коњановски и носителот на листата кандидат за членови на Советот на Општина Битола, Пеце Милевски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека промените во земјава почнуваат од Битола.

-Ги поканувам битолчани масовно да излезат на избори и да покажат дека од Битола ќе тргнат промените. Нашата локална власт ќе направи убави работи за Битола, нови инвестиции и нови работни места затоа што чртири години во Битола недоаѓаат инвеститори, а најголемиот инвеститор во Битола размислува да замине. Ние не планираме да го затвориме РЕК Битола, ние не планираме пет до седум илјади луѓе да останат без работа, туку напротив планираме нови луѓе да се вработуваат, планираме крупни интервенции во инфраструктурата на градот но не пред избори, гасификација на Битола затоа што беше запрена пред четири години, топлификација, ново училиште…., а од 18 октомври по победата на локалните избори ќе почнеме преговори за ново парламентарни мнозинство, посочи Николоски.