Македонија
25. December 2019 - 13:05

Николоски: Власта крои план за бегство од избори

Власта крои сценарио за одложување на изборите, обвини денеска на прес конференција потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

„ Зоран Заев многу добро знае дека изборите за него значат крај на политичката кариера, а потоа следи одговорност. Зоран Заев знае дека сето ова негово владеење, кое е препознатливо по виткање на кичмата, рекет, изнуди, уцени, трговија со националните интереси, тепање на граѓаните и праќање на рекетари, народот не го одобрува.  Затоа Зоран Заев не сака соочување со народот. Сака да одбегне пораз и да одложи соочување со одговорноста за своето работење.“ – вели Николовски. 

Според него, големиот број на закони кои што власта ги поднела до законодавниот дом имаат единствена цел, да бидат алиби за одложување на изборите.

„Имено на Зоран Заев во овој момент очајно му е потребно алиби за одложување на изборите. Првото алиби му беше усвојувањето, односно ратификувањето на протоколот за влез во НАТО, кое не му успеа, затоа што таквото алиби беше лесно  разобличено од ВМРО-ДПМНЕ. Следното алиби кое што го креира Зоран Заев, на неколку недели пред распуштањето на Собранието, е поднесувањето на стотици закони во собранието, повеќето од нив со скандалозна содржина, штетна за граѓаните и апсолутно неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ. Ќе потсетам таму има закон за промена на изборниот законик односно изборниот модел, за кој нема политички консензус. Потоа има закон за армијата, каде ние велиме ќе го прифатиме, освен промената на името на Армијата, што преставува обезличување на истата. Ние нема да прифатиме закон за обезличување на столбот на Македонија, АРМ по ниедна цена, а  особено не сега не треба да и биде променето името и тоа не може да го бара никој од нас. Шверцерското и насилничко туркање на законите без дебата по брза постапка има за цел Заев да создаде криза во државата, со цел да се одложат изборите. Таа намера ја потврдува и вчерашната негова изјава но и пазарџиските неформални услови и уцени кои доаѓаат до нас да сме ги прифателе законите инаку немало да има избори. Се поставува логичното прашање - што работеше Заев и неговиот тим овие три години, зашто не ги донесоа законите во изминативе три години туку на сила ги туркаат сега на еден месец пред распуштање на Собранието. И зошто бараат поддршка од ВМРО-ДПМНЕ си имаат мнозинство, а во секоја демократија мнозинството ги носи законите. Или можеби го немаат мнозинството?“ – праша Николоски.

Николоски обвинува и дека во меѓувреме, власта засилено ја партизира администрацијата и врши нови систематизации како би ги намалила ингеренциите на техничките министри на опозицијата во пржинската Влада.

„Службениците во МВР по цел ден куцаат решенија за прераспределување и за нови позиции, 1.200 решенија се поделени за еден ден, спротивно на закон се укинува единицата АЛФА, се формираат нови одделенија, а воедно на спорен начин се прераспределуваат луѓе. Во здравството испратен е допис со кој се бара сите здравствени установи да достават барања за вработувања за да може да се истите процесуираат до Министерство за финансии. Овде се работи за стотици вработувања на партиски кадри, роднини и пријатели на функционери на власта. Такви веќе, над 150 по број се случуваат во МЕПСО и во ЕЛЕМ“ – обвини Николовски. 

Тој додава дека во меѓувреме засилено расте задолжувањето, а дополнително се прелага и како што рече скандалозна амнестија за „кодошите од комунизмот“.

Александар Спасовски