Македонија
14. October 2021 - 17:13

Николоски од Битола: Ќе донесеме нови инвестиции, гасификација, реизградба на Тумбекафе и нов парк во Битола

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на денешната средба со граѓани во Битола изјави дека „откако ќе ја преземаат локалната власт во Општината“,. веднаш ќе се зафатат со работа, а пред се на носење на нови инвестиции и работни места.

Николоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има одличен тим и кандидат за градоначалник во Битола позади кои стојат бројни експерти и кои уште на почеток ќе започнат да реализираат 10 крупни проекти за Битола.

– Прво и најважно нови инвестиции и работни места. Четири години во Битола камен не е ставен, инвеститори не доаѓаат, а најголемиот инвеститор планира да замине затоа што нема соработка со Владата. Ние планираме нови инвестиции, а постојните да ги задржиме и да им дадеме добри услови за работа. Ние не планираме да го затвораме РЕК Битола, како што планира Зоран Заев кој јавно кажа дека до 2027 година ќе го затвори РЕК Битола, Ние не планираме директно или индиректно 5-7.000 луѓе да останат без работа, туку нови луѓе да се вработуваат, изјави Николоски.

Тој вети дека Битола ќе ја добие гасификацијата, која, како што рече, беше запрена овие 4 години, исто како и проектот за топлификација.

– Понатаму изградба и реконструкција на улици, интервенции во улична инфраструктура, кружни текови, гасификација на Битола, нешто што требаше досега да е готово, топлификација на Битола, ново Основно училиште, нова зграда за противпожарна заштита, нов мултифункционален спортски комплекс, ревитализација на рекреативен центар Тумбе кафе и нов парк со авантуристички содржини. Очигледно моето доцнење покажува со какви инфраструктурни проекти се соочува Битола, но исто така покажува колку власта се сеќава да работи само пред избори. Гледаме дека цела Битола е раскопана сега предизборно дека сега практично не може да се влезе во градот, дека бројни улици се исто така раскопани и се прават инфраструктурни зафати, верувајќи дека на тој начин ќе убедат дел од луѓето да гласаат за нив, но во суштина револтот мислам дека ќе е многу поголем од она што го очекуваат и власта ќе биде казнета на овие избори, потенцираше Николоски.

Николоски ги повика граѓаните в недела масовно да излезат и да гласаат на изборите, истакнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ има одличен тим, одличен кандидат за градоначалник на Битола и одлична советничка листа.

– Ќе ми дозволите да ги повикам сите масовно да излезат во недела на избори, затоа што само со гласање се менуваат работите. Позната е онаа изрека дека добрите луѓе кои што остануваат дома ги бираат лошите политичари, и затоа јас ги повикувам добрите луѓе да излезат и да ги изберат добрите политичари, рече Николоски.