Свет
15. October 2015 - 11:42

Никола Старџен ги повика Шкотланѓаните кои се определија против отцепувањето да гласаат за СНП

Лидерот на Шкотската национална партија (СНП) и прв министер на Шкотска, Никола Старџен ги повика Шкотланѓаните кои на минатогодишниот референдум се определија против напуштањето на Велика Британија, да гласаат за СНП на следните избори за шкотскиот Парламент.

Старџен не ја отфрла идејата за нов референдум за отцепување, но се противи тоа да се направи набрзина и прерано, инсистирајќи дека ново гласање за независна Шкотска, може да уследи откако ќе се обезбедат „силни докази„ дека значителен дел од гласачите кои беа против отцепувањето, го смениле мислењето.

На референдумот за независност, во септември минатата година, СНП која ги предводеше сепаратистите и заговараше отцепување, доживеа пораз. Вкупно 55 отсто од гласачите гласаа „не„ определувајќи се за останување во повеќе од 300 години старата уннја меѓу Шкотска и Англија.

Но на британските парламентарни избори, во мај годинава, СНП извојува „историска победа„ освојувајќи 56 од вкупно 59 пратенички места, што ги има Шкотска во Парламентот во Лондон.

Разликата во определувањето на гласачкото тело, во само девет месеци, се објаснува со рзличните гледања на Шкотланѓаните кон сепаратизмот и кон политиката што на внатрешно-политички план ја води СНП.

Оваа некогаш мала партија на домашните националисти и сепаратисти, забрзано стекнува нови приврзеници со својата левичарска политика, кога станува збор за буџетот, социјаните фондови и бенифиции и вработувањето.

Со таквата своја политика, СНП ги потисна лабуристите кои половина век ја имаа контролата во шкотската политика.Во 2010 година за СНП гласале 500 илјади гласачи, а во мај годинава, дури 1,5 милион Шкотланѓани.

Различното расположение на гласачите кон оваа партија, меѓу нејзниот сепаратизам и другата политика, ја присилува Старџен да биде внимателна кога зборува за нов референдум за независност. Таа сега настојува да ги увери сите во Шкотска дека сепаратизмот и отцепувањето од Велика Британија, не е главната цел на политиката на СНП, туку грижата за доброто на луѓето.

Оваа партија сега е трета политичка сила во британскиот Парламент, а настојува да обезбеди и трета едно по друго победа на изборите за шкотскиот Парламент во мај идната година.

Прашањето за втор референдум би можело одново да се покрене, доколку Британија се определи за напуштање на ЕУ, на што во Шкотска остро се спротувставуваат.