Македонија
10. July 2018 - 14:09

Никола Саздовски бил следен цел месец, велат неговите пријатели

Не се смируваат реакциите во јавноста по смртта на Никола Саздовски, кој откако на 29 јуни крвнички беше претепан во скопската населба Автокоманда, вчера им подлегна на повредите.

Но, не престануваат ни прашањата кои биле причините зошто 21 годишно момче бил нападнат од три лица чиј идентитет не се соопштува „за да немало меѓунационални тензии" и за кои се вели дека двајца се во притвор а по третиот се трага.

Од Основното јавно обвинителство вчера зјавија дека се преземаат дејствија во истражна постапка за утврдување на фактите.

Весникот „Независен" денеска пренесува изјава од пријателите на Саздовски од која може да се заклучи дека не се работело за случаен инцидент, или насилство како што првично беше квалификуван случајот.
„Ги знаеме кои се напаѓачите, од Чаир се, заштитени се како бели мечки од државата. Цел месец нѐ следат, ни се закануваат по 'фејсбуци' и по СМС-пораки. Пред некоја недела избодеа со нож едно наше дете.

Сега го чекаа Саздо. Го нападнаа кукавички додека беше со девојката. Чекале автобус на станица, застанал 'мерцедес', излегле три-четворица и го нападнале со тупаници, боксови, па дури и со нож. Му ги скршиле ребрата, тој паднал на асфалтот, со главата удрил на тротоарот.

Напаѓачите побегнале, а на Саздо дури тогаш му пришле луѓе да му помогнат", велат неговите пријатели.