Македонија
5. August 2020 - 16:41

Никој не се нафаќа да ја урне дивоградбата пред Мавровка

Никој не сака да ја урне дивоградбата кај Мавровка. На истото место ќе си остане уште најмалку еден месец, откако пропадна тендерот со кој требаше да се најде фирма која ќе го изврши уривањето.

Тендерот го распиша општина Чаир пред седум дена, а со него се бараше економски оператор, кој ќе биде надлежен за уривање на сите бесправно изградени објекти на територијата на оваа скопска општина.

Оттаму велат дека и покрај пропаѓањето на првиот тендер, не се откажуваат од правната процедура и ќе се обидат по втор пат да најдат фирма која ќе ја урне дивоградбата на непознатиот инвеститор.   

“Веднаш во текот на утрешниот ден ќе се објави нова постапка за јавна набавка со краен рок за поднесување на понуди од 7 дена на која очекуваме да бидат поднесени понуди. Доколку ни тогаш не се поднесат понуди ќе се постапи согласно одредбите на Законот за јавните набавки до избор на економски оператор за спроведување на процесот на уривање”, велат од Чаир.

Дивиот објект речиси преку ноќ се изгради на местото на опожареното кафуле.

“Новиот неуспех околу процедурата за уривање ја продолжува сагата за дивоградбата кај Мавровка. Се плашат ли фирмите или пак не им одговараат критериумите под кој е распишан тендерот”?

Јавниот повик беше распишан без посебни услови и во него немаше никакви критериуми, информираат од општина Чаир. Велат дека се изненадени од фактот што никој не се пријавил да ја руши дивоградбата.

Неа ја крена непознат инвеститор, по кој трага и Обвинителството. Доколку од општината не успеат во намерата да ја урнат дивоградбата, ингеренциите ги презема Министертвото за транспорт и врски кои можат да уриваат безправно изградени објекти.