Македонија
8. August 2016 - 23:08

Ни јавија од капела дека телото на нашето дете го однеле таму - Низ солзи раскажува семејството од Синѓелиќ чие дете се трагаше

-Ни јавија од капелата, некој го пронашол и таму го однел телото на Ендрит. Не знаеме кој, ни како било, ни што било -  раскажува заДНЕВНИК дедото Шаби Синани од Сингелиќ за својот шестгодишен внук, кој исчезна во поплавата и по кого се трагаше од саботата вечерта.

- Завчера соседите ни раскажуваа за потрагата по малиот, за тоа како неколкуте деца од семејството биле заробени во автомобилот, кој се полнел со вода, и како таткото успеал да ги спаси сите, освен Ендрит. Всушност, вујкото ги спасуваше децата, таткото е во Австрија и го чекаме да дојде секој момент - ни појаснува Синани.

 Момчето исчезна пред три дена, во страотната поплава. Сите од улицата го бараа Ендрит, секое ќоше, секое место каде што водата натрупала сенешто, само да го скрие безживотното тело на кревкото дете. Околината и вчера беше затрупана со кал, измешана со балите сено, возила што водата ги довлечкала и ги редела едно врз друго, стари штици и еден куп покуќнина по која веќе никој не тагува.