Македонија
26. August 2015 - 13:19

Незири во Виена на конференција за западен Балкан

Министерот за економија Беким Незири отпатува за Виена, каде што ќе учествува на дводневната конференција за западен Балкан, на која ќе присуствуваат премиерите, министрите за економија и за надворешни работи на Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Црна Гора, Македонија, Србија и Косово, соопшти Министерството за економија. 

Во текот на утрешниот ден министерот Незири ќе присуствува на деловниот појадок со топ 15-те австриски инвеститори во западен Балкан и ќе учествува на Тркалезната маса на министерите за економија, на тема „Економски просперитет и инфраструктурно поврзување“.

Дводневниот собир е дел од Берлинскиот процес кој минатата година го иницираше германската канцеларка Ангела Меркел, со цел да се поттикне процесот на приближувањето на западен Балкан кон Европската унија. Покрај домаќините, австрискиот канцелар, германската канцеларка и високи претставници на ЕУ, на самитот ќе учествуваат и претставници на Франција и Италија, кои изразиле подготвеност да бидат домаќини на некој следен самит, како и Словенија и Хрватска, кои го поддржуваат процесот на приближувањето на регионот кон ЕУ.