Македонија
18. August 2018 - 17:11

Независниот синдикат на професионални војници бара подобри услови за работа

Додека Раководството на Армијата славеше, Независниот синдикат на професионалните војници го искористи Денот на АРМ 18-ти август, да потсети на актуелните проблеми со кои се соочува Армијата. Од Синдикатот обвинуваат дека не се задоволни од надлежните институции кои треба да ги решаваат. Честитајќи им го денот на своите колеги, велат се должни да ги постават вистинските прашања на вистинските места.

Со цел подобрување на условите на работа, тие се обратиле со циркуларни писма до врховниот командант на оружените сили, до началникот на Генералштабот на АРМ, до Владата, Миниситерството за одбрана, а соработката со нив ја оценуваат како разочарувачка. Велат дека се занемаруваат нивните барања за средби, на кои би се разговарало за проблемите со кои се соочуваат, како што е укинувањето на автобуските линии.

Според војниците, проблем претставува и тоа што вработените немаат желба да останат во работен однос во Армијата. Тоа важи и за оние кои ќе наполнат 45 години и кои законски треба бидат прераспределени на работно место во касарните.

Од Независниот синдикат на професионалните војници обвинија и за недоволна соработка со останатите синдикати во Армијата. Упатија апел до нивните колеги да ги остават суетите на страна и заедно да работат на решавање на проблемите со кои се соочуват.