Македонија
2. November 2019 - 13:26

Независниот синдикат на камионските транспортери бара мерки за поголема безбедност на пешаците и велосипедистите во Скопје

Независниот синдикат на камионските транспортери на Македонија – НСКТМ МАКАМТРАНС бара надлежните итно да преземат мерки за зголемување на безбедноста на пешаците и на велосипедистите во Скопје со воведување драконски казни за оние што ги узурпираат тротоарите и коловозмите ленти.

-Кога станува збор за безбедноста во сообраќајот во Скопје најнебезбедни се возачите на велосипеди и пешаците и покрај тоа што поголемиот дел од градот има точно определени и обележани патеки за возење и секако пешачки патеки. И покрај присуството на огромен број полицајци во градот речиси целиот пешачки простор е узурпиран од непрописно паркирани возила. Има оставени возила дури и на коловозните ленти што во Законот се апсолутно забранети за застанување, а камоли за паркирање, вели Страшо Јованов, претседател на Независниот синдикат на камионски транспортери на Македонија МАКАМТРАНС.

Според него, градоначалниците се најголемите узурпатори на пешачките патеки и на патеките за велосипеди, особено во централното подрачје.

– Некои од нив имаат направено дури и паркинзи на делови од сообраќајните коловозни ленти. Тоа е надвор од умот, но и надвор од законот. За да се зголеми безбедноста на пешаците и возачите на велосипеди мора да се воведат драконски казнени одредби за узурпаторите, вели тој.

Надлежно министерство за оваа проблематика, потенцира, е Министерството за транспорт и врски, до кое тој двапати поднел претставка, а не добил одговор.