Бизнис
28. January 2020 - 16:31

Независниот академски синдикат тврди: Нема пречки за 10% повисока плата од овој месец

Докази за тоа како ректорите се обидуваат да формираат нов синдикат во високото образование до надлежните инспектори поднесе Незавнискиот академски синдикат.  Во следниот период, претставки ќе поднесат и до Државната комисија за спречување корупција и до Јавното обвинителство. И НАкС и СОНК сметаат дека иницијативата за формирање синдикат од  работодавач е противзаконска.

“Во прилог на претставките се поднесени и докази, дописите на ректорите во кои што многу јасно се гледа како даваат наредби и инструкции за формирање на еден синдикат. Да не заборавиме дека во овој момент во Министерството за труд и социјална политика имаме министерка и заменичка министерка од двете најголеми партии, и од ВМРО и од СДСМ и дека секое решение и секоја одлука оди со врзан потпис. И нас многу не интересира кој ќе стави потпис под решение за впишување на такви синдикати во Регистарот на синдикати”, изјави Маја Стевановиќ од НАкС.

Синдикалците тврдат дека има начин како да се исплати ветеното покачување и без колективен договор за високото образование. Тие се сретнаа со министерот за образование Адеми и вицепремиерката Царовска. Добиле ветување дека МОН уште денеска ќе ги разгледа нивните барања.

“Добивме уверување од Владата дека тие ниту се вмешани во иницијативата, ниту пак, се одговорни за основањето на ваквите синдикати, односно за организирањето на ваквите синдикати. Што се однесува до покачувањето на платите, до проблемите поврзани со тоа, ние, претставниците од НАК укажавме и ги изнесовме своите аргументи најпрво дека покачувањето на платите за 10% нема никакви законски пречки, односно дека тоа не е условено со колективен договор и не може да се условува и дека постојат правни механизми како тоа покачување да се реализира сега и веднаш”, вели Елена Џукеска, в.д. претседателка на НАкС.

Независниот академски синдикат е во преговори со СОНК за здружено делување со цел потпишување колективен договор на ниво на гранка. Колку бргу ќе се потпише ќе зависи од политичката волја.
Инаку, ректорот на УКИМ минатата недела рече дека единствена и крајна цел на новиот синдикат ќе биде зголемување на платите на сите вработени во високото образование.