Балкан
26. јуни 2018 - 13:59

Независни Грци останаа со уште еден пратеник помалку

Пратеникот Јоргос Лазаридис, денеска соопшти дека си заминува од неговата партија Независни Грци. Причините за оваа одлука официјално не се познати, но грчките медиуми шпекулираат дека Договорот за името е главната причина Лазаридис да стане независен пратеник.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во случај тој да не го отстапи неговото место на друг член од Независни Грци и остане независен пратеник, тогаш значи дека парламентарното мнозинство на коалициската влада е 152 пратеници, и се доближува до најниската граница од 151 пратеници.

Ова е втора „загуба“ за Независни Грци, откако на гласањето недоверба на владата пред 10 дена, Димитрис Каменос ја поддржа иницијативата на Нова демократија и беше избришан од партијата.