Македонија
5. August 2020 - 16:38

Невреме среде лето

Продолжуваат поројните дождови низ Македонија, кои според метеоролозите ќе траат до крајот на неделата. На некои места се очекува да наврне и до 30 литри дожд на метар квадратен. Сепак, хидролозите уверуваат дека нема опасност за излевање на големите реки. Но, можно е поплавување на улиците низ градовите поради запушување на канализационата мрежа од дрва, гранки и смет.

-Ваквите врнежи од дожд не би требало да претставуваат опасност од излевање на поголемите реки низ земјава зашто водостоите се прилично ниски, карактеристични за овој дел од годината. Тие се движат некаде во просекот за месец август. Ваквиот тип на врнежи единствено би можеле да претставуваат опасност за помалите реки и суводолици со помали сливни површини кои немаат капацитет за толку кратко време да примат толкави количини на врнежи и кај кои за доста брзо време се формира истекувањето, вели Угриновски, појаснувајќи во вакви случаи можно е рапидно зголемување нивниот водостој, а не е исклучена можноста за појава на слаби локални излевања, вели Угрински.

Угриновски вели дека овие дождови се добредојдени поради полнење на на подземните извор со вода и изворите кои се користат за водоснабдување, како Рашче и Студенчица чиј водостој во изминатиот период беше доста ниска.

Денеска се поплави и плоштадот во Охрид како последица на поројните дождови кои го зафатија тој град.

Врнежи со посилен интензитет се очекуваат во текот на утрешниот ден, кои ќе се намалуваат, но ќе траат до крајот на неделата.

Во невремето кое вчера 40-тина минути го парализираше Скопје не беа забележани поголеми штети, освен запуштени шахти кои резултираа со поплавени улици во делови на градот и неколку паднати дрва.