Бизнис
22. May 2019 - 16:19

Невладините организации бараат повеќе пари од државата

Државата да одвојува повеќе пари за граѓанското општество, бараат невладините организации. Според нив, само на тој начин ќе се искористи потенцијалот и улогата на граѓанските организации. Податоците покажуваат дека во Македонија само 3% од буџетските пари завршуваат кај невладините здруженија, додека во регионот тој процент е неколкукратно повисок и во Хрватска, на пример, изнесува 13%, а во Словенија дури 24%.

“Во светот праксата е дека 35% од финансирањето на граѓанските организации доаѓа од владата на тие земји. А, секако, ние како земја аспирант за Европската Унија ќе стремиме и ќе мора да го направиме тоа домашните организации главно да се финансираат од буџетот на државата наспроти, како што е сега, од странски организации”, вели Александар Кржаловски, извршен директор на Македонски центар за меѓународна соработка.

Од Владата велат дека се работи на изнаоѓање соодветен модел за одржливо финансирање на невладините организации, бидејќи нивниот капацитет за подобрување на општеството, како што велат, е далеку поголем од тој на државните институции.

“Во 2018 година веројатно имаме заштеда од околу 100 милиони евра заради транспарентност. Тоа значи целосен мониторинг преку медиуми, граѓанска гласност и слично, што придонесува институциите помалку да крадат пари, ја отстранува корупцијата, што е еден квалитатив, но и заштедува пари. Околу 30% од платите во државата се даваат во готово. Јас јавно зборувам за да го отстраниме тоа. Тоа значи еден куп избегнување на обврски кон државата. Сето тоа може да го враќаме назад преку капацитетите на субјектите во државата за да може да и помогнат на државата во отстранување на тие слабости. А, на некој начин ќе ги јакнеме самите субјекти, тука пред сè мислам на граѓанските организации, поради тоа што тие се независни и може да пресечат во делот на сериозноста во постигнувањето на целите без субјективизмот што може да го има извршната власт, даночните плаќачи и слично”, вели премиерот Зоран Заев.

Податоците покажуваат дека лани невладините во земјава добиле над 7 милиони евра буџетски средства. При тоа, најголем дел од парите стигнале кај политичките партии преку Министерството за правда. Потоа следуваат средствата наменети за социјална заштита и инвалидски здруженија преку Министерството за труд. А меѓу позначајните се и буџетските финансирања за спортски здруженија реализирани преку Агенцијата за млади и спорт.