Македонија
10. February 2019 - 16:22

Невладините од Истокот стравуваат дека на мала врата ќе се случи легализација на истополови бракови

Граѓанското здружение од Истокот  „Традиционално семејство“ ги повикува пратениците да не дозволат измени во Законот за заштита од дискриминација, со кои ќе се избрише членот 14, став 6, според кој под дискриминација не се подразбира „ уредувањето на бракот, вонбрачната заедница и семејството исклучиво како заедница на спротивни полови, односно на еден маж и една жена“.

-Вака предложените измени ќе овозможат склучување на еднополови бракови, односно бракови помеѓу лица од исти пол, маж со маж и жена со жена, изјави Валентина Дрмова, ЗГ „Традиционално семејство“.

Со предложените измени се врши напад врз институцијата брак и разнебитување на семејството. Се уриваат вековните семејни, духовни и морални вредности, потенцираат од Здружението. Дрмова се надева дека нивниот апел ќе допре до пратениците, за што се повикуваат и  на одлуката на Судот во Стразбур, според која, истополовите бракови не се човеково право и нивното непризнавање  не е никаков облик на дискриминација.