Спорт плус
28. November 2017 - 18:07

Неуромедика ќе се грижи за здравјето на македонските олимпијци

 Претседателот на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) Д-р Васил Тупурковски и директорот на Неуромедика Д-р Емил Угриновски, потпишаа договор за партнерство со кој Неуромедика станува официјален партнер и официјална болница на МОК и на потенцијалните и евидентните македонски олимпијци кои ќе ја претставуваат Македонија на бројните меѓународни континентални и глобални натпреварувања. 
 
Партнерството ќе биде насочено и кон сите други спортисти кои ќе бидат од интерес на МОК во рамките на Олимписката програма ‎‎2017-2020, како и кон другите активности на МОК во насока на унапредување и развој на Олимпизмот и спортот во Република Македонија.
 
При потпишувањето на договорот за партнерство, Угриновски и Тупурковски изразија задоволство за меѓусебната доверба и истакнаа дека е голема чест и обврска, Неуромедика да се грижи за сите спортисти кои се дел од олимписката програма на МОК. 
 
Тие им посакаа високи спортски резултати на македонските спортисти на претстојните меѓународни натпреварувања каде што треба да реализираат олимписки норми и достојно да ја претставуваат Македонија на претстојните Олимписки игри.
 
Неуромедика како официјална болница на МОК ќе се грижи за здравјето на сите спортисти кои се дел од програмата на МОК. Современата медицинска апаратура е неопходна во брзата и точна дијагноза и на најмалите спортски повреди кај спортистите, а лекарската стручност и знаење се огромна придобивка кога треба да се изгради врвен и здрав олимпиец.