Македонија
14. November 2017 - 13:57

Несторовска: Македонија на располагање има широка правна рамка за борба против трговијата со луѓе

Од 2013 до 2017 година во Македонија се идентификувани 33 жртви на трговија со луѓе, од кои 22 се деца. Од нив поголем е бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, пред се жени и деца.

Ова денеска беше истакнато на средбата на националните координатори за борба против трговијата со луѓе од Југоисточна Европа.

Заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, кој ја отвори средбата, на присутните им порача стручно и аргументирано да бидат протресени сите аспекти, и нагласи дека е уверен дека дискусијата ќе вроди со идеи за функционално спротиставување со трговијата со луѓе.

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска рече дека Македонија на располагање има широка правна рамка за борба против трговијата со луѓе, која е засилена и хармонизирана со европското законодавство и со меѓународните правни стандарди.

-Во овие услови со години наназад Македонија се карактеризира како земја на потекло, транзит и дестинација. Во однос на експлоатацијата, специфични форми за нашата држава се сексуалната и трудовата преку присилен брак, информираше Несторовска.

Во 2015 година, рече таа, меѓу потенцијалните жртви на трговија со луѓе се и две малолетни деца-мигранти од Сирија, а во 2016 година идентификувани биле 35 од кој 17 возрасни и 18 деца потенцијални жртви. Според податоцита од Европол, 44 проценти од мрежите поврзани со криумчарење на мигранти се исклучиво од државите кои не се членки на ЕУ.

Амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние рече дека Франција ги следи сите активности на ова поле и дека веќе ги има донесено сите директиви од 2012 година кои, според него, претставуваат добра слика за човечкото тело. Франција, додаде тој, има донесено и стратегија за борба против трговијата со луѓе која е усвоена во 2014 година. Тимоние даде целосна поддршка на слите членки на ЈИЕ во борбата против трговијата со луѓе.

Според глобалниот извештај на УНОДЦ за 2016 година за трговија со луѓе, што го презентираше нивниот претставник Давор Раус, а кој опфаќа 136 држави, од жените жртви на трговија со луѓе, 72 проценти биле изложени на сексуална злоупотреба додека пак 85 отсто мажи  биле тргувани за потребите на присилна работа.