Loading Video...
Фудбал
8. јуни 2019 - 15:15

Несреќен пораз на македонските фудбалери од Полска: Против Австрија без Несторовски, Муслиу и Стефан Ристовски

По речиси две години фудбалската репрезентација на Македонија го претрпе првиот пораз пред своите симпатизери. Полска беше подобра на црвено-жолтите кои веќе во понеделник одново во Скопје ќе играат против Австрија 
 
На натпреварот од 3.коло во квалификациите за Европското првенство следната година, македонските фудбалери загубија од фаворитот во групата Полска со 1:0. 
 
Во „тврд“ и израмнет натпревар во кој љубителите на фудбалот и не видоа многу возбудувања, клучниот момент се случи на самиот почеток на второто полувреме односно 47.минута, кога Кжиштоф Пјонтек ја искористи нерешителноста во нашата одбрана и на среќен начин успеа да го совлада Димитриевски постигнувајќи го единствениот гол на мечот за победа на Полска од 1:0. 
 
Во продолжението нашите фудбалери се обидуваа да стигнат до израмнување, а најголемата можност за тоа ја имаше Несторовски чиј обид гостинскиот голман Фабијански успеа да го скроти. 
 
„Полска славеше со само еден удар во голот. Знам дека резултатот е најважен, но истиот пристап ќе го повториме и со Австрија и се надевам дека нема да ни се случат вакви грешки. Аплаузот на крајот од натпреварот говори како одиграа нашите фудбалери. Имавме ситуации во кои моравме да реагираме подобро“, истакна по натпреварот македонскиот селектор Игор Ангеловски. 
 
Селекторот ќе има и дополнителни главоболки за следниот меч против Австрија. Тој не ќе може да смета на Несторовски и Муслиу поради суспензии, како и Стефан Ристовски кој поради повреда предвреме да го заврши мечот со Полска. 
 
Нашиот следен противник Австрија вчеравечер ја победи Словенија со 1:0, додека во третиот меч од нашата група Израел на гости славеше кај Летонија со 0:3.
 
Веќе во понеделник на програмата се дуелите од 4.коло, а натпреварот Македонија - Австрија кој ќе се игра на арена „Тодор Проески“ ќе започне од 20:45 часот