Македонија
14. February 2018 - 16:29

Непостоечки проекти добиле пари од Министерството за култура?

Македонска Филхармонија поднесе приговор за распределбата на пари од Министерството за култура. Управниот одбор на институцијата на денешната седница утврдил дека ресорното министерство доделило средства и за непостоечки прокети во програмата на институцијата.

Реакцијата на Филхармонија следи откако во јавноста се огласија членови на групата „Бернајс пропаганда“ кои забележале дека треба во април да имаат концерт во Македонската филхармонија иако тоа никогаш не било договорено со институцијата.

Освен од државните институции, реакции за распределбата на пари од Министерството за култура секојдневно пристигнуваат и од уметници, издавачките куќи, граѓански организации.

„Бараме од Министерството за култура и надлежната комисија да ја корегира одлуката за доделување средства за издавачката дејност, бидејќи се сомневаме дека 80 проценти од книгите кои добија поддршка, не ги исполнуваат елементраните критериуми од огласот“, вели Азам Даути, Директор на издавачка куќа.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира на како што велат скандалозната годишна програрма на Министерството за култура. Сметаат дека таа е популистичка и не поддржува рамноправен културен развој.

„Министерството за култура поделило пари и за проекти во кои фигурираат и членови на комисиите, а финансиска поддршка е предвидена и за проекти зад кои стојат членови на Советот за култура на министерството. Народни пари се делат на проекти за кои што јавноста виде дека лицата кои се потпишани воопшто немаат информации или пак се одобруваат средства кои се повисоки од побараните“, вели Роберт Вељановски, ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај ваквите реакции, од Министерството за култура вчера изјавиа дека нема потреба од поништување на целиот конкурс, а незадоволните ги упатија да покренат жалбена постапка.