Македонија
14. јуни 2017 - 12:56

Неплатената работа дома, причина за слабото учество на жената на пазарот на труд

Половина од работоспособните жени во Македонија се неактивни на пазарот на труд, а меѓу главните причини за нивната неплатена работа во домаќинствата и грижата за децата и постарите лица. 

Тоа го покажува истражувањето презентирано на денешната конференција „Неплатена работа, родова нееднаквост и ветувањето на економијата на нега и грижа“.во организација на Програмата за развој на ОН (УНДП), Телото на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women) и Меѓународната организација за труд (МОТ).

Севкупната нерамноправност на жената на пазарот на трудот, укажаа учесниците конференцијата, води кон нивна економска зависност, недоволно влијание при носењето одлуки во домаќинството, како што се трошоци за образование и здравствена грижа на децата, но и кон повисока толерантност на домашно насилство.

Марјан Петрески, водечки експерт за студијата за родова еднаквост на пазарот на труд,  рече дека главната причина за неактивноста на жените е всушност нивната неплатена работа во домаќинството.

- Истражувањето покажа дека постои некоја поделба на улогите во домот, убедување на самите жени дека тие се предодредени да бидат домаќинки да чуваат деца и стари лица што потоа се претвора во вистински часови кои тие ги трошат за таа активност. Тоа е неповолна состојба особено на пазарот на труд затоа што се комплетно надвор од пазарот, рече Марјан Петрески, водечки експерт за студијата за родова еднаквост на пазарот на труд.

Според Петрески, носителите на политиките треба да работат да се сменат ваквите состојби, односно жените да се вклучат на пазарот на труд преку барање работа и вработување. Во тоа би помогнале разни активациски мерки на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, но мора да се размислува и за други форми, како на пример флексибилизација на работното време и промена на свеста за редистрибуција на улогите во домот.

Постојаниот координатор на ООН во Македонија Луиза Винтон истакна дека има голема нееднаквост во, потенцираше, товарот на неплатената работа во домаќинствата. Жените, како што рече, работат неплатено во домаќинствата трипати повеќе во однос на мажите, односно имаат вкупно 281 минута неплатена работа во домот, а мажите само 87 минути.

Винтон укажа на податоците во дел од државите дека со инвестициите во социјалната грижа се креираат многу повеќе работни места отколку со инвестициите во градежништвото и порача дека тие работни места се многу повеќе фокусирани на жените и се многу поодржливи. Македонија, како што рече, ги има сите предуслови да користи вакви социјални услуги. Предизвиците со коишто се соочува се високи стапки на невработеност и на двата пола, има голема разлика од 12 проценти во работната сила помеѓу мажите и жените, а само 43 проценти од жените се активни на пазарот на трудот. Исто така, се соочуваме со голема разлика помеѓу платите на мажите и жените бидејќи жените заработуваат 18 до 19 проценти помалку од мажите за истата работа. Многу од професиите се поделени помеѓу мажите и жените, рече Винтон. 

Државните институции, како што најави на отворањето на конференцијата премиерот Зоран Заев, треба сериозно да се вклучат во определбата на Владата за родова еднаквост којашто е поставена како висок приоритет и влијае на развојот на општеството.

Заев потенцира дека мора да се надмине состојбата во која жената дома е без пари, а на работа за малку пари, изморена и неконцентрирана и без да го даде максимумот. 

Ваквата реалност, најави Заев, новата Влада ќе почне да ја менува. Заложбите се да има резултати со поголема вклученост на жените на пазарот на трудот, споделени обврски меѓу мажите и жените дома, згрижени деца и членови на семејството. - Тоа ќе го постигнеме со тоа што државата ќе биде социјален партнер на семејството, рече Заев.

Таму каде што е потребно, според определбата на Владата, како што рече, ќе биде обезбедено флексибилно работно време, се планира да се овозможи работниците да работат во две смени, се разгледува можноста да се зголеми бројот на вработените во јавните градинки и да се унапредиме системот на детска заштита со отворање градинки во руралните средини.