Македонија
27. September 2015 - 9:34

„Неопланта“ на МОТ во изведба на новосаѓаните „Ујвидеки синхаз“

„Неопланта“ е претставата со која вечерва во МКЦ во рамки на МОТ гостува Новосадскиот театар „Ујвидеки синхаз“.

„Неопланта“ во режија на Андраш Урбан е работена според истоимениот и во последниве неколку години најпреведуван и најпретставуван во разни земји роман на Ласло Вегел. Таа на свој начин, се наведува, опуштено раскажува како се живее во мултинационални/мултикултурни градови какви што се, на пример, Нови Сад – некогаш Неопланта, или Скопје или кој било друг град на кој било меридијан во светот.

Новосадскиот театар „Ујвидеки синхаз“ е формиран 1974 година со цел да помогне во зачувувањето на културниот идентитет на Унгарците во Војводина. Меѓутоа, набрзо станува место каде што растат многу посериозни и покомплексни театарски приказни… Со текот на времето, овој театар успева да прерасне не само во место каде што се собира унгарската елита, туку и во место каде што се надраснува унгарската рамка и кое денес важи за еден од најрелевантните театри во Србија и регионот.

Во терминот од 18 часот на сцената на МНТ, МОТ-овската публика ќе може да ја проследи претставата „Дневникот на лудакот“ во изведба на Moving Music Theatre (ММТ) од Битола. Станува збор за моноопера базирана на класичен текст, инвентивен проект зад кој стојат композиторот и режисер Марјан Неќак и главниот изведувач Озрен Грабариќ заедно со креативниот тим на младиот ММТ.

- Театарот насловен со впечатливото име создава современа музика за театар и танц, современи форми на опера, музички и театарски експериментални изведби. Таква е и претставата/монооперата Дневникот на лудакот, базирана на истоимениот краток расказ од рускиот мајстор на раскажувањето Николај Васиљевич Гогољ, наведуваат од МОТ.

Последниот термин од 22:30 часот е резервиран за „Кој пукаше на 21-ви?“, продукција на МКЦ. Револуцијата во Романија, 1989-та е земена како главна тематика на драмата Мад Форест на британската авторка Керил Черчил, а нејзиното поставување во 2014 година во Македонија прави паралела со тековната општествена ситуација.

- Тргнувајќи од ваква драмска предлошка, според принципите на трендот на документарниот театар, општествениот контекст е претставен низ конкретни семејни и интимни приказни на ликовите, а фабулата, според фрагментарната драмска структура на авторката е прикажана низ три основни поглавја. Режисерката Нина Николиќ создава претстава што е позиционирана на неколку плана, со цел да се направи сложувалка од главниот настан и ликовите вклучени во него. И видеоматеријалот и конкретните сценски изведби, како и вмрежувањето на неколкуте доминантни микростории, се поставени како своевидна текстура од која треба да се нагласи главното прашање поставено и во насловот на претставата, се наведува за претставата. 

Актерската игра е колективна, составена од актери од различни театри и слободни уметници, целосно фокусирана на драмското дејство, поточно на совладувањето на трагиката и на нејзино поставување на главен елемент околу кој се развива самата претстава.

- Тоа значи дека благодарение на актерите и нивната непосредна игра одбегнато е класичното, емотивно поврзување со приказната и е направена современа актерска интервенција во создавањето на претставата. Претстава што опоменува, влијае, дише, се движи, претстава што е актуелна во еден актуелен миг и претстава што треба да се види, велат од МОТ за претставата.