Македонија
30. September 2016 - 17:11

Неопходно е развивање на сообраќајна култура за да се намали смртноста на патиштата

Да не се плашиме кога нашите деца одат на училиште, се враќаат од забави или кога некој од нашите блиски заминува на пат, целта е нашите возачи да не бидат закана за безбедноста и да запре пролевањето на крв по патиштата. Претседателот Иванов на првата меѓународна конференција за безбедноста на патиштата во Југоисточна Европа порача дека мора да се развива сообраќајната култура како вредност на развиените општества.

„Ниту нови патишта, ниту нови закони, ниту повисоки казни, нема да ја намалат смртноста на патиштата ако не работиме на развивање на сообраќајната култура. Култура и етика што ќе се градат и пренесуваат преку семејствата, училиштата, автошколите, сè додека не прерасне во општоприфатена навика. За да го постигнеме сево ова неопходен ни е холистички пристап и затварање на кругот на одговорноста за тоа кој, кога и за што е одговорен“ - посочи Претседателот Иванов.

На патиштата ширум светот дневно умираат по 3.400, а годишно бројката на загинати на патиштат достигнува до милион и двести илјади луѓе. Во Македонија за 12 месеци бројот на загинати изнесува 160 до 170. Но загржува податокот што растат бројките и на глобално и на ниво на нашата држава. Само во првите осум месеци од годинава има 10 процентен раст на бројот на загинати.

Владата вложува во изградбата на модерни автопатски делници кои треба да придонесат за намалување на бројот на сообраѓајни несреѓи, се спроведуваат и кампањи кои очигледно не се доволни, а и полицијата мака мачи со бројот на униформирано полициски службеници. Учесниците на меѓународната конференција ќе ја подготват декларацијата за интензивно дејствување која очекуваат да ги промени црните бројки.