Македонија
6. February 2018 - 13:59

Неопходни се пари и млад кадар за подобра научна дејност

Главната кочница за успешен и побрз развој на науката во Република Македонија беше во делот на финансирањето на оној многу важен сегмент во кој се вклучени наставно-образовната и научно-истражувачката дејност. Ова денеска го истакна ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје Никола Јанкуловски на трибината „Предуслови за развој на науката во Република Македонија“. 

- Познато е дека со години наназад не се одвојувале доволно средства. Процентот на одвојување во однос на БДП е многу мал, некаде околу 0,1 отсто. Тоа е далеку од потребното и далеку од доволното. Апелираме на сите можни начини за да ја поткренеме свеста кај сите граѓани, особено до оние од кои и зависи зголемувањето на процентот, рече Јанкуловски. Додаде дека се решени максимално да вложат напори и да ја подобрат научната дејност и нејзиниот просперитет и развој во Македонија. 

Ректорот Јанкуловски очекува новиот Закон за високо образование ќе придонесе за подобрување на квалитетот на образованието во Република Македонија. 

Трибина УКИМ

Проректорот Владимир Петрушевски изјави дека нивната идеја е да укажат на неколку работи кои се важни за покачување на општото ниво на науката: објавување трудови, важноста на електронските списанија, подмладок на кадар, средства за наука, апратура... Укажа дека и државата треба да ги види своите можности и да помогне.

- Се повеќе се публицира во електронски списанија што не мора да веднаш да значи дека е добро или лошо. Треба да се види кои се тие списанија, каков е нивниот рејтинг, каде се индексирани, бараат ли пари за да го објават трудот, рече Петрушевски. 

Во последните десетина години, како што рече, набавката и подарување лаборатории на некои од членките на УКИМ беа драгоцени, но некои други работи не се добри. Тој смета дека се уште е рано да се говори за тоа како сегашнава власт се однесува и треба да им се даде шанса барем од една година. 

Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Иван Чорбев изјави дека потребни се инфраструктура (зграда, која се работи), млади луѓе кои ќе го збогатат колективот со знаење, капацитет и ќе ја преземат на свој товар работата со голем број студенти. 

- Во услови кога информатиката е популарна индустрија, каде платите се поголеми потешко ни е да ги задржиме младите истражувачи да работат на факултетот. Затоа треба да се создадат услови за работа која ќе нуди напредок во кариерата и соодветна компензација за вработените, рече Чорбев. 

Тој смета за развој на информатиакта е потребна темелна врска и интеграција со индустријата и со партнерите од развиените земји, со универзитетите од Западан Европа и од САД за да се работи заеднички на проекти, да се разменуваат научни сознанија, да се објавуваат статии на престижни конференции...