Македонија
22. September 2017 - 16:48

Неопходната терапија за болните од хронична миелонична леукемија заглавена во бирократски процедури

Несоодветната терапија довела до ампутација на нозете на 57 годишниот Драган од Скопје. Пред 10 години лекарите откриле дека има хронична миелоична леукемија. Прво сам се снаоѓал со потребните лекови. Ги набавувал по 200 евра од Индија и Кина за разлика од Европските држави каде биле дури 20 пати поскапи. Пред 6 години почнал да добива терапија на државна сметка во земјава, но како што вели истата му предизвикала мутација на ген па го вратиле на цитостатици кои веќе не се применувале никаде во Европа.

- Тромбоцитите станаа енормно големи и неможеа да се контролираат, пред 1 година добив гангрена и мораа да ми ги ампутираат нозете како резултат на болеста, вели Драган од Скопје, пациент со ХМЛ.

Заедно со Драган уште една пациентка со ХМЛ го чека истиот лек од втората генерација. На средбата со министерот за здравство пред три месеци им било ветено дека ќе биде набавен со интервентен увоз. Но, сеуште немаат терапија.  И други 20 пациенти со истата болест се заглавени во лавиринтот на тендерските постапки, реагираа од здружението кое ги застапува овие болни.

- За жал поминаа повеќе од три месеци од лековите нема ништо. Работите се закочија на релација МАЛМЕД и совет за Јавни набавки, изјави Пепо Леви, од здружението за ХМЛ.

Од Агенцијата за лекови уверуваат дека одговориле на забелешките на советот за јавни набавки и се очекуваат дека ќе добијат дозвола да ја набават потребната терапија.

- Очекуваме следната недела да ни одговори советот, не знаеме дали ќе најде забелешки, Роберт Беќировски, директор на МАЛМЕД.

Од Клиниката за Хематологија каде ги третираат овие 20 пациенти велат дека 15 од нив добиваат прволиниска терапија и се под контрола, а 5-мина ги обезбедувале потребните лекови преку донации.

- Овие пациенти примаат соодветна терапија и се под контрола, изјави проф. д-р Ирина Пановска, директор на Клиниката за хематологија.

Инаку ова е 4-то здружение пациенти кое за 10 дена реагира дека набавката на потребната терапија е заглавена во тендерските процедури.