Loading Video...
Кошарка
24. December 2019 - 17:09

Неофицијално: Тодоров утре ќе биде промовиран за нов селектор на кошаркарската репрезентација

 
 
 
Неофицијално, Александар Тодоров утре ќе биде промовиран за нов селектор на машката сениорска кошаркарската репрезентација на Македонија. 
 
За утре точно напладне закажана е промоцијата на новиот стручен штаб. Откако федерацијата доби ново раководство предводено од Перо Антиќ, истото реши да направи и промена на стручниот штаб кај сениорите, па така договорот со Јорданчо Давитков кој во претходните два циклуси ја предводеше машката селекција не беше продолжен. 
 
По најавите, за врвни тренерски имиња, меѓу кои најчесто споменувано беше и името на Октај Махмути скопјанецот кој долги години работи во Турција, последната информација вели дека сепак на жешкото селекторско столче ќе седне Александар Тодоров. Тој во моментов работи во романската екипа ЦСУ Крајова. 
 
Инаку Тодоров, веќе има репрезентативно искуство и тоа со селекцијата која во 1999-тата година за прв пат настапи на Европскиот шампионат, а Тодоров ја имаше улогата на асистент на тогашниот селектор Заре Марковски. 
 
За Тодоров и неговиот стручен штаб кој според најавите ќе го сочинуваат актуелните тренери на шампионот МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов и кавадаречки Еуроникел, Горан Самарџиев ќе биде обезбедување на пласман на Европското првенство во 2021 година, низ квалификацискиот циклус кој црвено-жолтите ќе го почнат во февруари со делот на домашен терен против Естонија, а потоа и Русија на гости. 
 
Во квалификациска група е уште и Италија, која како домаќин веќе има обезбедено пласман на Евробаскетот, па императив за нашата селекција е да биде подобро пласирана од Естонците и Русите.