Македонија
24. March 2019 - 19:25

Неодговорни битолчани го уништуваат зеленилото и хортикултурното уредување во градот

До битолското јавно претпријатие „Комуналец“ имало голем број поплаки од граѓани и институции за откорнати садници од акцијата за засадување која се реализираше минатата година во декември. Меѓутоа, со истиот проблем се соочувало и самото претпријатие на зелените површини во нивна надлежност.

-Ние од  „Комуналец“ тоа го чувствуваме секојдневно, затоа што и на површини кои хортикултурно ги уредуваме и одржуваме,  постојано се уништуваат, дури и оние ситни малечки бонбончиња, љубичици.  Граѓаните ќе мора да покажат повисока свест, но и да укажуваат, да сликаат, да пријавуваат. Јас ги охрабрувам, затоа што мора да најдеме начин, нека биде разговор, превентива. Ако сите заедно не се грижиме, не можеме да имаме добра животна средина, ВЕЛИ ПАНДЕ БОГОЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА ЈП „КОМУНАЛЕЦ“.

Битолчани сметаат дека свеста на граѓаните за грижа за природата се уште е на ниско ниво.

-Како граѓани воопшто не се грижиме. Без култура се. Треба од мали деца да ги учиме, да се стекне навика. Кога може секаде надвор, зошто не и овде. Но кај нас потешко, велат битолчани.

Деновиве повторно имаше акции за засадување садници, но неизвесно е дали ќе останат на своето место или и тие ќе бидат мета на несовесни граѓани.