Македонија
8. December 2015 - 16:51

Нема препорака од ЕК без успешни избори во април 2016 година

Европската комисија сака да види успешно спроведени реформски приоритети и избори во април во Македонија за да даде силна поддршка за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија. Оваа порака му била пренесена на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски на синоќешната средба во Брисел со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.

Според информациите од средбата, Хан бил задоволен од позитивниот развој на настаните во македонската држава и ветил дека во случај да се спроведат приоритетите и изборите на најдобар начин, дека Еврокомисијата и земјите-членки на Европската унија ќе дадат силна поддршка за отпочнување на преговорите за Македонија.

- Мислам дека со тоа што досега го остваривме изненадивме многумина и мислам дека ќе и ја олесниме задачата и на Европската комисија која и оваа година препорача дека е време да започнеме со преговори. Со комесарот Хан разговаравме отворено и мислам дека стои на својата оценка дека и Комисијата би сакала да види ваков развој на настаните во Република Македонија, кој би значел успешно спроведени приоритети на кус рок, спроведени парламентарни избори и потоа силна поддршка од земјите-членки за почеток на преговорите.

Во вториот дел од разговорите, Попоски и Хан дискутирале и за мигрантската криза при што, според македонскиот министер, тој и Хан констатирале дека се забележителни подобрувања во комуникацијата со нашите јужни соседи, но дека ова прашање ќе мора да биде затворено на ниво на Европска унија

- Ангажирањето на Фронтекс од другата страна на границата е нешто што може да ја подобри таа ситуација. Од наша страна сме охрабрени и од поддршката што е дадена од поголем број на земји-членки за спроведување, односно канализирање на мигрантите до точки за регистрација каде што би можело да биде реализирана регистрацијата и да се овозможи нивен хуман и безбеден транзит по европскиот безбедносен коридор до крајната дестинација во Европската унија.