Македонија
21. October 2021 - 16:38

Нема позитивни ученици и на вториот ден од скринингот

И на вториот ден од скринингот за Ковид во училиштата нема позитивни од тестирани околу 250 деца, информираше министерот за здравство. Тој очекува до утре да бидат опфатени 500 ученици, половината се средношколци од Скопје, останатите основци низ државата.

- Досега нема стигнат позитивен тест на ниедно дете во училиштата, било во основните, било во средните што е одличен знак. Но, да почекаме се уште е рано. Тие родители кои не даваат согласност се оди на алтернатива на друго дете во класот согласно методологијата. Досега некаков отпор нема, не верувам дека ќе има. Апелирам да се свесни родителите дека со земање обичен брис не е никаков ризик и како метода многу ќе научиме за ситуацијата со епидемијата кај нас, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Денис Јанкуловски од скопскиот центар за јавно здравје кој им зема брисеви на средношколците во Скопје вели доколку некое дете добие позитивен резултат на брзиот ангигенски тест, прво се информира раководството на училиштето, потоа родителите и истото се упатува на дополнително ПЦР тестирање.

-Доколку е позитивно некое детенце ќе може да појде во Поликлиниките Јане Сандански, Чаир или Ченто без да се чека на Мој термин од матичен лекар, се скока тој чекор, а колегите се запознаени за да се убрза целата постапка се во интерес на децата, изјави Денис Јанкуловски, од Центарот за јавно здравје Скопје.

Доколку и ПЦР-от излезе позитивен се постапува според здравствените протоколи. Детето се праќа во изолација, а епидемиолозите ги бараат контактите. 

Инаку со скрининтот треба да бидат опфатени околу 8200 деца од 470 училипшта во целата држава.