Македонија
26. August 2020 - 21:16

Нема повеќе сушење алишта на тераси и во дворови ако се свртени кон главните улици

Жителите на Ѓорче Петров реагираат на копираните одлуки од град Скопје за комуналниот ред.

По 6 години откако за граѓаните во централното подрачје на Скопје беше забрането да сушат алишта на балкон, деновиве градоначалникот Александар Наумовски одлучи да го активира истото решение. Не објаснува зошто токму сега кога општината има бројни комунални, еколошки и инфраструктурни проблеми, тој се решава да контролира кој и каде го суши вешот. Од општината велат со новите измени се дефинираат надлежностите и целта да се превенира пред да се казнува.

„Мора да напоменеме дека претходната одлука содржеше членови кои се контадикторини и се во правец на загадување, а не на заштита на животната средина. Само за пример, претходно во Ѓорче Петров беше дозволено да се одлага смет до и околу контејнерите“. Стои во одговорот од општината.

Граѓаните зачудени и револтирани од оваа одлука му порачуваат на градоначалникот да се занимава со вистинските проблеми што ги мачат. 

Во измените на одлуката за комунален ред стои дека за граѓаните кои живеат во куќа чиј двор излегува на улица или плоштад, забрането е  да имаат повисока трева од 10 цм, да засадуваат овошни дрвја чии плодови ја валкаат јавната површина, гранчиња и украсни растенија да не висат надвор од приватниот имот. Ова важи и за дворните места на зградите.

Општинската власт сепак смета дека е позитивно што се разбранувала јавноста по оваа одлука, бидејќи тоа ќе ја подигне свеста кај граѓаните.