Технологија
13. јуни 2016 - 12:41

Нема повеќе странски јазик: Со помош на оваа бубица ќе го разбирате секој јазик на светот!

Меѓународната комуникација честопати е тешка доколку не го знаете локалниот јазик на местото каде што се, па не можете да завршите ни обични задачи како да купите кафе или леб. Понекогаш дури и во сопствената земја не можете да се разберете со сите доколку живеете со повеќе националности. Американската компанија Waverly Labs има намера да го смени тоа и во иднина сите да можат да се разбираат меѓусебе без оглед на јазикот што го говорат.

Нивниот уред Pilot се состои од две слушалки кои ги носат двајца луѓе кои зборуваат на различен јазик. Слушалките Pilot се поврзани и со апликација за телефон, па може да се користат и за слушање музика. Секој од говорниците зема една слушалка и ја става во увото. Кога ќе ги активирате, само што ќе изговорите нешто, вашиот соговорник го слуша истото тоа на неговиот мајчин јазик.

Првата генерација уреди функционира само доколку двајцата говорници носат слушалки, но идните верзии ќе можат да слушнат и да преведат сè што ќе се зборува одоколу, па нема да биде потребен пар слушалки. Наменети се да функционираат офлајн, па кога патувате нема да имате огромни сметки за Интернет.

Уредот е дело на основачот на Waverly Labs, Андреа Очоа, кој вели дека идејата ја добил откако запознал некоја Французинка која не ја разбирал што зборува. Во моментов Pilot поддржува само јазици од романско и германско потекло, односно: англиски, шпански, француски, италијански, а подоцна ќе бидат вклучени и јазици од Источна Азија, хинди, арапски јазици, словенски и африкански јазици. Некои корисници ќе мора да доплатат за да добијат дополнителни јазици. Единствениот проблем е што уредот ги преведува само најчесто употребуваните дијалекти на јазиците.

Waverly Labs планира да лансира кампања на Indiegogo, каде што заинтересираните ќе можат да платат од 129 до 179 долари во претпродажба, а малопродажната цена се очекува да биде од 250 до 300 долари. Се очекува нарачките да почнат од 25 мај, а првите уреди да бидат испорачани наесен годинава или најдоцна напролет идната година. Слушалките ќе бидат достапни во три бои: црвена, бела и црна.

Погледнете го промотивниот спот за Pilot и ќе се уверите дека повеќе никогаш нема да имате проблем да се разберете со некого на непознат јазик.