Бизнис
1. јуни 2019 - 16:25

Нема плаќање во кеш за суми на 500 евра

Од денеска е забрането плаќање во кеш за суми над 500 евра. Доколку сакате да купите каков било производ или да платите услуга над тој лимит плаќањето мора да се изврши преку платежна картичка или со уплатница во банка. Ова ограничување е резултат на измените во Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам и важи како за физичките, така и за правните лица. Казната за непочитување на оваа законска одредба ќе се движи од 5.000 до 80.000 евра.

Граѓаните се со поделени мислења за тоа дали ваквата мерка ќе ја намали сивата економија.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека мерката се спроведува со цел да се намали сивата економија и затоа што со плаќање на црно, практично се прави штета на граѓаните. Според него, ограничувањето е добро, бидејќи тоа е борба против сивата економија и против плаќањата кои не се пријавени и не се оданочени.

Бизнис секторот подолго време апелираше да се одложи примената на законот и дека вака структуриран ќе има негативно влијание врз бизнисот во земјава. Многу од компаниите, особено оние микро и мали претпријатија, не можат да ги имплементираат одредбите во целост, а казните се движат од 5.000 па дури до 80.000 евра.
Стопанствениците алармираа и дека македонската верзија се разликува од европската, бидејќи регулативата на ЕУ дозволува плаќања со готовина во вредност до 10.000 евра.