Македонија
13. April 2024 - 16:41

Нема пилоти за „ер трактори“ – ќе се гаснат ли пожарите на лето од воздух?

Ќе има ли кој да ти гасне пожарите на лето од воздух, или со огнените стихии ќе сe бориме само од земја?

Дирекцијата за заштита и спасување остана само со еден пилот, двајца си заминале во пензија. Првиот човек на дирекцијата алармира дека недостигот на пилоти сериозно го загрозува функционирањето на институцијата и способноста да реагира во време на кризи. 

„Имавме тројца пилоти до крајот на 2023 година. На почетокот од оваа година, двајца заминаа во пензија и моментално имаме само еден пилот. Правиме напори, да видиме како може нив да ги задржиме, барем уште оваа година, сѐ со цел во меѓувреме да примиме нови пилоти, односно да распишеме нови огласи за пилоти, за кои веќе имаме согласност и чекаме да се завршат некои процедури за да може да го објавиме огласот“, изјавил Беким Максути за МИА. 

Ако брзо не се реши проблемот авио-одделението може ќе ја изгуби својата лиценца, што во пракса би значело и тие авиони кои ги имаме, нема да може да ги користиме.

Дури и да се примат пилоти, не значи дека тие веднаш ќе може да управуваат со Ер тракторите, на Дирекцијата. Протоколите налагаат дека откако ќе почнат на работа, треба да одат на дообучување во Шпанија или друга земја овластена од производителот.

Од пет пилоти кои биле примени изминативе неколку години во Дирекцијата, само еден успеал да ја заврши дообуката и да добие сертификат за управување со „Air Tractor“ – авионите кои се користат за гаснење на пожарите. 

Како решение за проблемот со недостатокот од пилоти, според Маскути може да се реши со порамнување на платите. Платата на вработените пилоти во ДЗС, да биде еднаква пилотите во МВР и Министерството за одбрана.