Нема пари за додаток на плата за судската администрација
Расте револтот на вработените во судовите. Додатокот на плата од 35 отсто, нема да го добијат ниту за септември. На седница на Судски-буџетски совет одбиено е барањето за исплата на додатокот.
„Ова е огромно разочарување бидејќи се надевавме дека овој месец ќе има слух барем за додатоците за нас додека седнеме на маса за платите и сите вработени во судовите бевме разочарани. Огромно е незадоволството кај сите вработени, нема слух од Министерството за финансии, тоа е најголемиот проблем“, изјави Јасмина Величкова.
И од Судски-буџетски кој го одби барањето за додаток, прстот во вперуваат во финансии. Ќе му пишат на министерот Бесими дека неисплатата на додатоци ја ниша финансиската независност на судската власт.
„Министерството за финансии уште еднаш го повикувам да најде најчин да се надминат овие проблеми, инаку би дошло до блокирање на судството. Тоа ќе застане. Без оваа судска администрација буквално ќе се блокираат судовите. Очекувам разбирање од страна на министерот за финансии“, изјави Сашко Георгиев, Претседател на Судски совет.
Синдикатите уверуваат дека нема да отстапат од барањата - зголемување на платите за 78 отсто и исплата на додатоци. По минатонеделниот протест, во убедувачка мисија на Бесими, најави дека ќе се вклучи и министерот за правда. Во финансии пак молк - не одговорија дали ќе се обезбедат пари за барањата на судските служби.
Во меѓувреме, вработените во обвинителства се уште штрајкуваат. Постапуваат само за итни и притворски предмети.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар