Македонија
18. August 2022 - 12:21

Нема огревно дрво и автопревозници за училиштата во Карбинци

Подрачните училишта во руралната општина Карбинци, покрај тоа што не можат да набават дрва за затоплување на училниците, нема ниту заинтересирани автопревозници. За огревно дрво пропаднаа 2 јавни набавки, а на неодамнешниот распишан тендер за превоз на ученици не се јавил ниту еден понудувач. Општината распиша втор јавен повик за пријавување до 24 август. Главна причина за незаинтересираноста е енергетската криза и нестабилната цена на горивата.

- Чувствителна е оваа ситуација поради самата инфлација. Едно тешко време навистина и гледаме што се случува, дека цените одат нагоре, изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци.

Локалната самоуправа располага со лимитирани средства за оваа намена и не ќе може самата да го понесе товарот од покачувањето на цените. Затоа Паунов смета дека единствено решение е да се инволвира централната власт во решавање на овој проблем.

- Се надевам дека ќе можеме да склучиме договор согласно нашите можности и училиштата во фиансискиот дел, но повторно овде клучна улога треба да игра државата за стабилизација на економски план во овој сегмент, додаде Паунов.

Училишен превоз им е потребен на 109 ученици од 9 подрачни училишта во општина Карбинци.