Македонија
28. July 2020 - 17:29

Нема нови случаи со Ковид-19 од новотестираните во Македонска Каменица

По извршените нови тестирања за Ковид-19 нема нови случаи во општина Македонска Каменица. Од Здравствениот дом во Делчево и здравствената станица во Македонска Каменица соопштија дека здравствената состојба на претходно тестираните четворица позитивни на вирусот во Македонска Каменица е стабилна.

-Направените тестови на лицата кои имаа контакти со првиот заболен во општината и останатите тројца, денеска покажаа негативен резултат, што ни дава за право да се надеваме дека нема да имаме ново жариште на вирусот во Источна Македонија, истакнаа од Здравствениот дом.

Оттаму го повторија апелот да не се создава паника меѓу населението и да се почитуваат стандардните мерки за заштита од Ковид-19.

Во Македонска Каменица долго време немаше позитивни на коронавирус. Првиот случај кој минатиот петок се појави кај странски државјанин кој престојува во Македонска Каменица и останатите тројца кои имале контакт со заразениот, засега се единствените позитивни пациенти на коронавирус во оваа општина.