Македонија
16. March 2020 - 16:57

Нема нови случаи, се тестираат примероците на седум сомнителни пациенти

Втор ден по ред Македонија бележи нула на новозаразени случаи со корона. Македонија засега го контролира ширењето на вирусот, а првозаболената пациентка веќе е испратена дома.

Со симптоми на Ковид 19 се седум луѓе, кои ги чекаат резултатите од тестот.

“Три се лица од Дебар кои имаат симптоми на грип, двајца пациенти од Штип и двајца на Инфективната клиника кои изминатиот период патувале во Австрија и во Германија...”

Ветувачка е и здравствената состојба на досега заболените, информираше министерот на редовната прес конференција во Владата

“Непроменета е состојбата на сите други 18 пациенти, 13 кои се на Клиниката за инфективни болести, потоа пациентката која е на респиратор стабилна, а лесна клиничка слика имаат оние во Дебар”

Засега симптоми на Ковид 19 не покажувааат и над 200 лица, кои биле во контакт со заразената директорка на Кожната клиника.

Кризната состојба во Дебар и Центар Жупа се почитува и луѓето покажуваат исклучително висок степен на дисциплина, ги пофали Филипче жителите. Дополни дека околу 80 луѓе од овој регион превентивно се опсервираат за евентуални симптоми, со цел детално да се прати состојбата.

Нова мерка која е тоа што Клиниката за психијатрија почнува со поддршка на граѓани и ранливи групи, која ќе се одвива преку телефонски јавувања.

“Се обезбедува психолошка поддршка за родителите на деца на предучилишна и училишна возраст, за оние возрасни кои се во самоизолација и психолошка поддршка за оние од Дебар и Центар Жупа”

На утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести е донесена и мерка за ослободување од работа на еден родителите на децата со цистична фиброза.

Се работи и на зголемување на бројот на респиратори за болниците. Министерот се надева дека околу 500 од нив ќе бидат на располагање за брзо време, од кои 200 би можеле да дојдат од Кина.

Во однос на забележаните случаи на лица кои бегале од медицинските екипи за проверка, Филипче рече дека по ваквите пријави редовно се известуваат службите, апелирајќи до граѓаните да покажат одговорност и високо ниво на свест за ситуацијата.