Македонија
28. July 2017 - 16:06

Нема нови случаи на заразени со Хантан вирусот - Стабилна состојбата на инфективна

Нема новозаразени со хеморагичната треска Хантан од која починаа татко и син од гостиварско Симница. Седуммината хоспитализирани на Инфективна според лекарите се во добра општа состојба, но се уште се чекаат резултати дали се заболени од истиот вирус.  Здравствените власти тврдат дека ситуацијата е под контрола и нема простор за паника кај населението бидејќи болеста која ја шират глувци не се пренесува од човек на човек.

-Овој вирус се пренесува преку глодари. Точно како е настанат допрва ќе сознаваме и ќе ја известиме јавноста. Комисијата за заразни болести постојано заседава и вклучени се сите институции. Вчера го посетивме и инфективното одделение во Гостивар, понудивме помош, таму немаше нови пациенти, изјави Гоце Чакаровски, заменик министер за здравство.

И денеска од Центарот за јавно здравје вршат дератизација и дезинфекција во гостиварскиот регион. Таму се и екипи од Агенцијата за храна и ветеринарство кои уште вчера земаа примероци за анализа од вода, храна и млечни производи. Оттаму  побараа поголема внимателност кај населението во тој регион.

-Потребна е внимателност, односно, како превентивна мерка, жителите од тој регион овој период да не консумираат свежо млеко, вели Зоран Атанасов,  директор на Агенција за храна и ветеринарство

Дека гостиварците починале од вирусот Хантан вчера преку фејсбук соопшти министерот Арбен Таравари, кој е во работна посета во САД. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност од првиот човек во здравствениот сектор и побараа да поднесе оставка. Од СДСМ велат дека  е лицемерно опозициската ВМРО-ДПМНЕ во недостигх на идеи да ја користи несреќата на граѓаните за добивање политички поени.