Македонија
15. March 2020 - 19:24

Нема нови позитивни случаи на коронавирус

Нема нови случаи на коронавирус. Сите седум сомнителни пациенти кои се тестираа денеска се негативни. Станува збор за две трудници од Дебар, еден охриѓанец кој работел во Дебар и македонски државјани од Куманово, Тетово, Кичево и Кочани, чиј брис пристигнал преку Центарот за јавно здравје Штип.

Инаку, пациентот од Кочани два пати бил тестиран поради типичните симптоми на вирусот, но и двата теста биле негативни.

Здравствената состојба на сите 13 пациенти кои во моментот се на Клиниката за инфективни болести е стабилна, вклучително и пациентката која е на респиратори. А првата пациентка која веќе е негативна на коронавирусот утре ќе биде испишана и испратена  на домашно лекување.

-Само првата пациентка од Дебар е на респираторна машина со значајно подобрување на параметрите после приклучување на механичката вентилација, но со се уште непредвидлива прогноза заради тоа што оваа ситуација многу често непредвидливо доаѓаат компликациите во текот на лекувањето, рече Филипче.

Министерот Филипче информира дека на Клиниките се одложуваат сите хронични пациенти, на кои може да се одложи интервенцијата, а ќе се третираат само итните и малигните случаи каде нема простор за одложување.

И клиниката во Козле ќе се подготви за примање на деца евентуално заболени од коронавирусот.

-Сите сега хоспитализирани пациенти во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат префрлени на лекување на клиниката за педијатрија со цел да децата бидат изолирани од возрасните доколку имаме таков пациент, но и од останатите деца од друга патологија кои што се лечат на клиниката на педијатрија, рече Филипче.

Филипче инфомираше дека во земјава има 120 респираторни машини, од кои 90 се во Скопје. Целиот медицински персонал и од јавниот и од приватниот сектор се мобилизира и се ставаат на располагање согласно оперативниот план за делување. Приватните болници од минатата недела ги ставија на располагање сите капацитети, вклучително и околу 70 легла со респираторни машини.