Македонија
18. March 2019 - 16:47

Нема нов случај на мрса во Бутел и Чаир - во Зелениково регистриран еден случај

По училиште во Бутел, МРСА минатата недела била регистрирана и кај ученик во Зелениково. Освен позитивниот брис немал никакви клинички симптоми,  потврдија од скопскиот центар за јавно здравје. Екипи од центарот направиле дезинфекција во училиштето, а од земените брисеви на соученици кај ниту еден не била регистрирана бактеријата. Нови случаи нема и во Панајот Гиновски каде мината недела беа пријавени две деца како и во градинката во Чаир. За да нема паника кај родителите, од Комисијата за заразни болести одлучиле да испратат упатства до матичните лекари како да третираат пациенти со МРСА.

-Ќе бидат известени матичните лекари како да се однесуваат со пациент кој е позитивен на МРСА. Кај вакви случаи кога нема клиничка слика, нема потреба од издавање на упати на родителите за да ги носат децата на проверка на брисеви. Оваа бактерија е опасна во болнички услови. Ни е не живееме во стерилна средина, цело време сме изложени на инфекции, вели др. Александар Стојанов, епидемиолог во Центар за јавно здравје Скопје.

Епидемиолозите велат дека бактеријата не е опасна доколку не е регистрирана во болнички услови и нема простор за паника. Но предупредуваат дека ова е последица на неколкугодишното несоодветно користење на антибиотици.

-Да, го плаќаме цехот на тоа. Не треба да се препишуваат антибиотиците, бидејќи се повеќе се зголемува резистенцијата кога се даваат без потреба, вели Стојанов.

Минатата недела во Панајот Гиновски во Бутел 30 проценти од учениците не одеа на училиште исплашени од појавата на МРСА кај второодделенец и ученик во шесто одделение. За да ги смират родителите во училиштето беше направено хемиско чистење како и дезинфекција во училишните простории. Лекувањето на бактеријата трае од седум до десет дена.