Бизнис
26. May 2019 - 16:16

Нема најава да намалување на цените на становите и покрај над 5000 непродадени нови станови

Нема да има поевтинување на становите. И покрај големата понуда, градежниците не очекуваат да падне цената за метар квадратен. Велат дека градежните материјали и работната рака постојано поскапуваат. За две години трошоците по тие основи им пораснале за 5 до 10 отсто. Па, поради тоа градежниците не можат да ја намалат цената на становите.

“Невозможно е да паѓаат цените затоа што основно нешто што формира одредена цена е делот на вградување материјали и делот на работна сила, која што е потребна за да се изгради одреден објект. Во таа насока има постојано поскапување. Ние излеговме како комора со бројки дека има поскапување и на градежните материјали и на услугите во градежниот сектор. Така да, во оваа насока поевтинување не може да се случи”, вели Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при Сојузот на Стопански комори.

Градежниот сектор конечно бележи раздвижување на активностите по големиот пад лани. Но, градежниците од земјава сè поретко се присутни на странските пазари. Освен во Босна и Херцеговина, не учествуваат во реализација на поголеми проекти во други држави. Градежните фирми се попречени да учествуваат на странските пазари бидејќи веќе се ангажирани на проекти тука. А, дополнително, се соочуваат и со голем недостиг од работна сила.

“Во последните две години ние исклучиво се бориме со недостаток на кадар во делот на реализација на одредени проекти. Во делот на градежните фирми, сè додека не завршиме одреден проект, не може фирмата да земе друг проект за да работи”, објаснува Ивица Јакимовски, претседател на Градежна комора при Сојуз на стопански комори.

Според податоците од Агенцијата за катастар по првиот квартал годинава над 5.340 новоизградени станови се непродадени, а во изградба се уште 11.300.

Најбарани на пазарот се гарсониерите и становите до 50 квадрати.

Во првите три месеци годинава, најскапо се продавале становите во скопски Центар, со просечна цена од 1.000 евра за квадрат, а најевтини биле становите во Штип, кои што во просек се купувале по цена од 470 евра за метар квадратен.