Македонија
25. November 2015 - 16:13

Нема мигранти на македонскиот простор од границата со Грција

Мирен ден на јужната гранична линија.  На македонска страна просторот е празен, а на грчка и понатаму кампуваат најупорните економски  мигранти кои одбиваат да  се вратат назад.

Тие веќе неколку дена се заглавени на пограничната линија и бараат да им биде овозможен транзит кон западно европските земји. Свесни се дека одлука за селективно прошуштање не ја донесе Македонија и затоа бараат од Европа да им помогне и да им овозможи да го продолжат патувањето.

-Знаеме дека ова не е ваша вина и дека границата е затворена од другата страна, вие само го почитувате договорот, но и ние сме луѓе,  млади луѓе кои се образовани , не се лоши и бараат подобар живот, вели мигрант од Мароко.

-Доаѓаме од Бангладеш, кај нас има многу проблеми, а политичката состојба е многу лоша затоа сакаме да одиме во Германија за подобар живот. Бараме од Европската Унија да го решат нашиот проблем и да дозволат да го продолжиме патувањето, вели мигрант од Бангладеш.

За бегалците кои доаѓаат од воените подрачја и денеска не беше  проблем да ја поминат границата, но поради лошите временски услови на грчките острови нивниот број од синоќа е значително намален. Од УНХЦР велат дека во текот на измината ноќ и претпладнето во прифатниот центар во Гевгелија пристигнале само неколу стотини мигранти за кои за кои по добивањето на неопходната помош и храна бил обезбеден и транспорт со воз.