Македонија
5. July 2018 - 17:29

Нема место во штипските градинки

Потешко е да се запише дете во градинка, отколку иден студент во високообразовна институција во Штип. Причината е едноставна, недоволно сместувачки капацитети во претшколските установи. Воспитен кадар има доволно, меѓутоа, со години родителите мака мачат како да ги сместат своите деца.

- Во една занимална можеш да сместиш дечиња, креветчиња, столчиња, толку колку што собира. Јас секогаш се трудам тоа да им го објаснам на родителите...„дете плус, дете плус“... Треба да се има услови. Тоа се деца, живи суштества на кои што треба да им се обрне внимание, кои треба да се воспитуваат, образуваат, да добијат два оброка и две ужини денес, изјави Билјана Трајчевска

Советот на општината носи одлука за зголемување на бројот на деца во установите, но конечната одлука ја имаат вработените, согласно можностите. Директорката на градинката „Вера Циривири- Трена“ годинава бара проширување за дополнителни 200 деца на постојните 640 места.

- Правиме напори да ги прошириме просториите, да пренамениме некој од нив, за да ги прифатиме децата во градинка, изјави Софка Аатанасова

За годинава се најавуваше и реконструкција на постојните градинки, но засега иницијативата е само на хартија, без одобрени буџетски средства.

- Средствата се главно од донации на невладини институции и наши средства, додаде Атанасова

За решавање на овој хроничен проблем, после 30 години во Штип ќе се гради детска градинка, за што, до Бирото за регионален развој општината аплицира за средства во висина од 16 милиони денари.