Македонија
19. August 2021 - 16:57

Нема лични карти за 40.000 граѓани - каде е проблемот?

Промената на системот во Министерството за внатрешни работи личните докумнети да се издаваат со новото уставно име кој бил направен пред некој месец без да се донесат измените во законот за лична карта со кои треба да се внесе Северна е причината поради која над 40 илјади граѓани не можат да добијат лични карти иако тоа го побарале.

Без документ за лична идентификација тие не можат да ги подигнат ни своите пари од банка, а имаат проблем во здравствени установи. Проблем ќе биде и нивното попишување или пак гласање на локалните избори.

„Барањата на граѓаните за термин за фотографирање, односно аплицирање за издавање на лични карти редовно се примаат, од страна на МВР целата процедура се завршува,техничките можности на системот предвидуваат печатење на сите лични документи,  со новото уставно име, вклучително и личните карти, но МВР не смее да започне со издавање на новите лични карти сѐ додека Законот не биде на сила“, велат од МВР.

Од власта децидни се дека одговорноста е кај опозициската Левица која во Собранието ги блокираше измените на законот за лична карта.

„Не фалат обрасци за лични карти, системот е добар, само треба да се изгласа Законот за лични карти. Не обвинувам, само ги повикувам тие што се платени од граѓаните да ја вршат работата, да го изгласаат Законот за лични карти, бидејќи овој проблем покренува многу проблеми во секојдневното функционирање и мора да бараме излезно решение за да граѓаните ги остварат своите права“, напиша министерот Спасовски.

Слично на него, коментира и премиерот Заев апелирајќи Левица да биде поодговорна во постапките бидејќи пратениците треба да работат во интерес на граѓаните.

„Имајќи предвид дека вака е заглавено ова решение, првата можност е со работа на Парламентот од 1 септември да се донесе законот и да се издадат тие лични карти. Втората работа е Министерството за правда, заедно со другите надлежни ресори, да работат како да изнајдат  начин, со одлуки, правилници или критериуми, да дадат можност и со истечена лична карта да се гласа“, вели премиерот Зоран Заев.

Од Левица велат пак, дека законот не е блокиран од нив, туку од од БЕСА по чие барања во измените е вметната етничка определба во личните карти.

„Тоа нема да го дозволиме“, велат од партијата на Апасиев.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ проблемите на граѓаните, како овој со личните карти, ќе се надминат само со пораз на власта на следните избори.

„Граѓаните кои не можат да го остварат своето уставно загарантирано право имаат еден проблем, а тоа е Влада на СДСМ и ДУИ. Така што, единствен начин да се надминат сите овие проблеми е да се делува инванзивно, а тоа е победа на здружената опозиција и катастрофален пораз на оваа неспособна власт предводена од СДСМ и ДУИ“, вели Мицкоски.