Македонија
29. September 2020 - 16:42

Нема крај на проблемите со националната платформа за он-лајн настава

На само два дена пред првото училишно ѕвонче платформата за онлјан настава се уште се тестира. И денеска дел од наставниците и учениците не успеале да се вклучат, а големи проблеми со преоптовареноста на системот имаше и вчера.

Она што е најважно, според МОН, е што вчера на Платформата се најавиле над 88.0000 активни корисници, а тоа придонело да се идентификуваат сите проблеми со оптоварувањето на системот.

Голем дел од средношколците се уште немаат добиени налози за да можат да се вклучат. А корисничкото име и лозинката мора да ги добијат лично во училиштата.

Најголем проблем сепак е ИТ опремата. Околу 40.000 ученици немаат компјутери и лап-топи. Дел од корисниците кои се обиделе да се вклучат преку своите смартфони велат дека апликацијата не е оптимизирана, и многу тешко можат на тој начин да ги следат часовите.

Министерката Царовска уверува дека и покрај потешкотиите, ќе се помине и оваа учебна година.

-Знаеме дека на национално ниво има предизвици со вклучувањето во овој момент. Тоа веројатно ќе се надмине. Синоќа беа дадени и нови инструкции за да се креираат нови одделение во друг дел од Платформата за да може полесно да се приклучат. Сметам дека техничките процеси ќе се одвиваат и ќе имаме предизвици и во наредниот период, но јас ги повикувам и наставниците, и родителите, и децата и директорите и градоначалниците дека овој процес заедно ќе го поминуваме. Нема да биде лесен, периодот за припрема беше краток, рече министерката за образование, Мила Царовска.

Царовска вели дека Платформата се гради денес за да се користи во следните 20 до 50 години.

Инаку, средношколците донесоа одлука. Тие ќе се вклучат на часовите од 1 октомври, но ќе бараат од МОН доколку епидемиолошката состојба во Македонија е стабилна, од ноември постепено да се враќаат во училишните клупи.