Македонија
2. March 2021 - 20:07

Нема дозвола за зголемување на групите во градинките

Нема зголемување на бројот на деца во градинките. Министерството за труд не добило дозвола од Комисијата за заразни болести да се згрижуваат повеќе деца, иако официјално го побарале тоа поради зголемениот интерес на родителите да ги носат децата во градинка.

Според последниот извештај, заклучно со петокот, во изолација се вкупно 497 деца и 81 вработен.

“Согласно последните податоци од петокот, затоа што пресекот го правиме во петок, имаме новопојавени само 3 деца и 18 вработени во градинките. Како почнува пролетта има поголем интерес кај родителите да ги носат дечињата во градинка и ние испративме официјален допис до Министерството за здравство, односно до Комисијата за заразни болести дали може да го зголемиме опсегот на деца кои што би биле во групите. Наместо 15, групата да брои 17-18 деца. Меѓутоа, како најкомпетентна стручната Комисија за заразни болести ни врати допис во кој што вели состојбата останува на исто ниво. Протоколот вели 12 деца од 0 до 2 години во јасли, 15 деца во останатите, од 2 до 6 години, што значи во моментот нема проширување”, изјави Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

Иако надлежните велат дека засега состојбата е стабилна, сепак градинките ќе продолжат да работат со ограничен капацитет. Во моментов се згрижуваат над 13.300 деца, од вкупно 21.300, колку што може да присуствуваат во градинките.