Бизнис
29. August 2018 - 19:43

Нема да се исклучува струјата заради неплатени сметки на ранливите категории граѓани во зима

Висок степен на заштита на потрошувачите на електрична енергија по либерализацијата на пазарот. Регулаторната комисија прецизно ќе дефинира што треба да содржи договорот за снабдување со електрична енергија, избегнувајќи притоа какви било нечесни клаузули во договорите.

“Во овие правила за снабдување со електрична енергија на јасен и недвосмислен начин даваме обврска на снабдувачите кога ќе потпишуваат договори со потрошувачите и на слободниот и на регулираниот пазар на електрична енергија, да немаат делови од договорите напишани со ситни букви што нема да бидат јасни за потрошувачите”, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Друга новина во Законот за енергетика е што Регулаторна нема да дозволи снабдувачите да ги исклучуваат ранливите категории корисниците на струја поради неплатени сметки во текот на зимскиот период. Се очекува наскоро надлежните да определат кои корисници на струја ќе се сезонски заштитени.

“Јас очекувам дека покрај стандардните потрошувачи, кои примаат одредена социјална помош, опфатот на ранливите категории потрошувачи на кои нема да може да им се исклучува електрична енергија ќе биде зголемен, бидејќи имаме реално потрошувачи кои имаат проблем со плаќањето на електричната енергија”, објаснува Бислимовски.

Малите потрошувачи и домаќинствата, што ќе се снабдуваат на слободниот пазар, ќе бидат заштитени секогаш да имаат испорака на струја со тоа што универзалниот ќе биде всушност краен снабдувач. Тоа значи дека доколку се случи од какви било причини испорачателот од слободниот пазар да престане со работа, потрошувачите веднаш, по автоматизам, ќе ги преземе универзалниот снабдувач.