Македонија
13. May 2017 - 11:38

Неизвесно одржувањето на Фестивалот за дувачки оркестри во Пехчево

Неизвесно е одржувањето на 7. Фестивал за дувачки оркестри во Пехчево поради блокадата на општините и истекувањето на мандатот на градоначалникот.

Како што информира директорката Елица Јовевска, веќе се во тек првите подготовки, а градоначалникот Игор Поповски верува дека ќе се изнајдат начини за одржување на Фестивалот.

- Во неизвесност сме поради ситуацијата со локалната самоуправа. Се надеваме дека по 15 мај ќе имаме поконкретни информации за тоа како ќе течат подготовките и како ќе изгледа Фестивалот, бидејќи клучните документи и договори ги потпишува градоначалникот, рече Јовевска. 

Според Поповски, се прават прелиминарни договори, но поради ситуацијата со мандатите, засега не може ништо да се прецизира.

- Верувам дека Фестивалот ќе се одржи, но засега ништо не можеме да кажеме, рече Поповски.

Фестивалот традиционално се одржува за празникот на Пехчево, Павловден, а во овој период од годината вообичаено течат првите активности и се познати музичките имиња кои треба да настапат.

- Фестивалот е адут на Пехчево за привлекување туристи и побогата туристчка понуда. Со години за фестивалскиот денови, градот го посетуваат десетици илјади гости. На сцената настапуваат најдобрите виртуози на трубата на Балканот, а за македонските трубачи манифестацијата е можност за промоција и излегување од анонимноста, истакна Јовевска.

Старата трубачка традиција во Малешевијата го создаде овој фестивал кој е  и единствен од ваков тип во земјава, а неговата асоцијација го поврзува со балканскиот фестивал Гуча во Србија.