Балкан
16. јуни 2016 - 20:12

Неизвесно дали ќе има на хрватската Влада или нови избори

По неполни шест месеци од формирањето на Владата во Загреб, хрватскиот Сабор со големо мнозинство гласови изгласа недоверба на премиерот Тихомир Орешковиќ, што значи пад на Владата, но засега не е познато кој ќе биде следниот чекор, реконструкција на Владата или нови избори. 

Следниот чекор треба да го направи хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, а дел од хрватските медиуми јавија дека консултациите за реконструкција на Владата ќе почнат уште утре. 

Претседателката во секој случај има 30 дена да одлучи дали ќе му даде мандат на некој друг да ја реконструира Владата или ќе се одлучи за распишување на вонредни парламентари избори. 

Откако Саборот изгласа недоверба за досегашниот премиер Орешковиќ, тој истакна дека за Хрватска најдобро решение се нови парламентарни избори. 

- Жал ми е дојдов со најдобри намери да и помогнам на нашата земја. Сите на почетокот дојдовме со заедничка цел и надеж дека ќе ја подигнеме економската и стопанската ситуација и ќе го подигнеме стандардот на граѓаните. За жал, гледам дека комуникацијата со поединци, во овој случај со господинот Карамарко, не можеше да функционира. Денеска бевме тука и на крајот сме тука каде што сме. Хрватска за овие неколку месеци додека бев премиер доволно ја запознав, ги запознав добрите и лошите страни. Верувам во оваа земја, имаме голем потенцијал и се надевам дека тој потенцијал максимално ќе го искористиме, изјави Орешковиќ. 

Претеникот на Самостојната демократска српска партија Милорад Пуповац, по изгласувањето недоверба на Орешковиќ, нагласи дека сега пректично започнува трката дали Владата ќе биде реконструирана или ќе се оди на вонредни избори. 

И за едната и за другата одлука ќе бидат потребни 76 гласа „за“ во Сабор.