Македонија
6. February 2018 - 16:28

Неизвесна судбината на Законот за јазиците - можен ли е политички договор?

Се уште е нејасно како власта и опозицијата ќе ја надминат блокадата од 36 илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ за законот за јазици. Партиски извори од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека на пониско ниво имало меѓупартиски контакти за ова прашање, но дека позициите остануваат исти: СДСМ дека законот треба да се донесе ваков каков што е, па евентуално да го поправа Венецијанската комисија, додека пак, ВМРО-ДПМНЕ инсистира на повлекување на законот или прифаќање на нивните суштински амандмани.

Од кабиентот на Талат Џафери денеска молк за тоа како ќе се надмине проблемот. Неофицијално се чека политичко решение.

Рекордниот број на амандмани од неделата се веќе преведени на албански јазик. Тие се уште се групираат според содржината. Тоа ќе биде клучно за евентулната дебата бидејќи за оние амандмани кои ќе бидат ставени во една група предлагачот ќе мора да ги образложи заедно во рок од три минути. Тоа пак, би ја скратило расправата по законот. Сепак гласањето ќе се одвива поединечно.

Од друга страна, во јавноста се отвораат дилеми и околу членот од Деловникот  според кој Собранието повторно го разгледува законот во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот.  Дилемата е дали во овој рок, кој за законот за јазици истекува во петок, треба да почне разгледувањето на законот, а нема временско ограничување колку треба да трае претресот по амандманите? Или пак, ќе се толкува дека целата постапка на претрес и прегласување на законот мора да заврши во овој рок, со што може да се одбегне расправата по амандманите, како што тоа се случи во првите фази во Комисијата за европски прашања.

„Со оглед на големиот број амандмани, истите потребно е да се разгледаат и да се постапи по нив согласно одредбите на Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, по што Законот за јазици ќе биде разгледан“, коментираа вчера од кабиентот на Џафери.

Законот беше ставен на седница минатиот понедленик. ВМРО-ДПМНЕ се врати во Собранието само за оваа точка на дневен ред. Иако се дојде до точката на дневен ред Џафери одлучи да ја рипне бидејќи амандманите не биле преведени на абански јазик.